Екипата на Челзи, по завршувањето на актуелната сезона, би можела да го ангажира Бразилецот Кака од Реал Мадрид, пишува британскиот весник „Дејли мејл“. Медиумот се повикува на мајката на фудбалерот, Симоне Леите, која на својот профил на „Твитер“ напишала „дека целото семејство ова лето се сели во Лондон“. Шпекулациите веќе подолго време го поврзуваат Кака со преселба на „Стемфорд Бриџ“, но барем засега нема ништо конкретно и официјално. Играчот од средниот ред повторно би имал шанса да работи со својот поранешен тренер од Милан, Карло Анчелоти, под чиешто водство го играше најдобриот фудбал во кариерата.
Кака дојде во Реал Мадрид пред две години за 59 милиони фунти и не прикажа ни половина од она што го играше во претходните шест сезони во црвено-црниот дрес. Оваа сезона 29-годишниот фудбалер имаше и долга пауза поради повредата на коленото, а во финишот од Примера на натпреварите против Валенсија и Севилја покажа дека сè уште има магија во неговите нозе. Промената одлично би му дошла, но исто така и Челзи би добил одличен плејмејкер, кој би можел да го замени веќе истрошениот Френк Лампард. Пред само два дена потпретседателот на Милан, Адријано Галијани, изјави дека ќе направи сè што е во негова моќ да го врати Кака „дома“. Разврската ја чекаме летово.
Нема коментара:
Постави коментар